Во седиштето на U.S. International Development Finance Corporation во Вашингтон потпишан е договор за финансиска поддршка во износ од 5 милиони долари, наменети за истражување на критични минерали во Македонија. Договорот беше потпишан помеѓу Конор Колман, раководител на инвестиции во DFC, и Ник Јовановски, извршен директор на Pela Global Limited.
Веста ја соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини од каде информираа дека на потпишувањето на договорот присуствувала и министерката Сања Божиновска заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Финансиската поддршка претставува конкретен чекор во насока на развој на потенцијалот на критичните минерали, како значаен сегмент од современите енергетски и индустриски политики. Со овој договор се отвораат можности за понатамошни инвестиции, истражувања и технолошки развој, во согласност со глобалните трендови за обезбедување алтернативни извори на критични суровини“, пишува во соопштението од Министерството за енерегетика.
Пред потпишувањето на договорот, владината делегација имала билатерална средба со раководството на DFC, на која биле разгледани можностите за продлабочување на соработката и поддршка на конкретни проекти.
„Овој чекор претставува значаен сигнал за зголемен интерес за инвестирање во секторот на критични минерали во Македонија и дополнително ја потврдува стратешката соработка со САД во областа на енергетиката и ресурсите“, соопштија од Министерството.
Инаку директор на фирмата Pela Global Limited која треба да ги води истражувањата за критични минерали во Македонија е Aвстралиецот со македонско потекло, Николче Јовановски. За него пред извесно време пишувал порталот„Призма“ во текст со наслов „МПЦ основа уште една фирма за бизнис со струја“.
На сајтот на „Pela Global Limited“, може да се прочита дека се работи за австралиска компанија за критични и скапоцени метали фокусирана на одговорен развој на минерални ресурси низ Југоисточна Европа. Клучни се два проекти во Македонија во Крстов дол и проектот Самар Голд. Првиот е за експлоатација на антимон, а вториот за експлоатација на злато, сребро, олово, цинк и бакар.
за проектот во Крстов Дол пишува дека е „во напредна фаза чија цел е производство на висококвалитетен концентрат од антимон од историски производствена локација, стратешки позиционирана за поддршка на Западот со критични минерали“.
Според податоците објавени на сајтот на компанијата на 20 август мината година, македонската Влада официјално ја одобрила Програмата за валидација на резервите за 2025 година во рудникот за антимон Крстов Дол.
Фотографија од сајтот на Pela Global Limited
Со ова одобрение издадено од Геолошкиот институт на Република Северна Македонија, компанијата добила дозвола да врши: „дијамантско дупчење за да се потврди континуитетот на минерализацијата, степенот и геометријата на рудникот , понатаму да врши геофизички истражувања, алтерациски минералогии, геохемија на минерални патеки, комерцијална лабораториска анализа (геохемија) и металургија“. Основните студии за животната средина и Проценка на влијанието врз животната средина и општеството (ESIA) од компанијата наведуваат дека се во согласност со најдобрите меѓународни практики.
Почетокот на експлоатирањето на рудата антимон го најави вчера премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека се работи за „редок минерал, што може за нашата економија да значи многу“.
Тој најави дека рудата ќе се извезува во САД и дека инвеститорите ќе граделе топилница во Оклахома, САД.











