Пакистанската престолнина денеска е под засилени безбедносни мерки и речиси целосно мирна, додека властите го затворија градот пред почетокот на преговорите меѓу САД и Иран, а чија цел е постигнување траен прекин на огнот по повеќенеделен конфликт. Според дипломатски извори, разговорите треба да започнат во сабота, а во Исламабад се очекуваат делегации од Вашингтон и Техеран.

Во градот се распоредени дополнителни полициски и воени сили, поставени се контролни пунктови, а дел од патиштата се затворени, додека жителите остануваат во своите домови поради дводневен државен празник.

На преговорите во Исламабад од американска страна се очекува да пристигне делегација предводена од американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, додека Техеран соопшти дека распоредот сè уште не е конечен, што остава неизвесност околу стартот на средбите.

САД, според проценките, настојуваат да обезбедат политички „излез“ од конфликтот, додека Иран се обидува да ја зацврсти својата позиција и влијание, особено преку контролата врз стратешки важниот Ормутски теснец.
– Пакистанската нација и нашата влада вложуваат голема надеж за мировните преговори што ќе се одржат во Исламабад и се надеваме дека овие мировни преговори ќе резултираат со мир. Тие ќе донесат мир во регионот и, како што сите знаете, Пакистан игра клучна улога на медијатор за да ги смири, може да се каже, пламените на војната за да ги олади и да донесе мир во регионот, вели Галија Фирдус, жителка на Исламабад.
– Нека Аллах им даде успех на нивните напори и нека овие преговори бидат успешни. За да може нашиот свет да живее во мир со успех, сакам да го замолам г-дин Трамп да биде смирен, како и иранското раководство, додава Мухамед Имран Ѓумри, жител на Исламабад.
Можните мировни преговори меѓу САД и Иран, што треба да се одржат во Пакистан, се случуваат во атмосфера на длабока недоверба и ескалација на насилството во повеќе делови од Блискиот Исток, особено во Либан, каде Израел продолжува со воени операции против Хезболах, а бројот на жртви според локални извештаи надминува илјада.

Токму борбите во Либан дополнително го разнушуваат кревкото примирје, а прекинот на воените дејства таму е еден од условите на Иран за да седне на преговарачка маса. Сепак израелската страна тврди дека операциите ќе продолжат сè додека не се елиминира заканата.

– ИДФ е во воена состојба, ние не сме во прекин на огнот. Ние продолжуваме да се бориме тука на овој фронт. Ова е главниот фронт на борбите за нас. Во Иран, ние сме во прекин на огнот, но можеме да се вратиме на дејствување таму во секој момент и со голем интензитет. Во Либан, ние продолжуваме да ги продлабочуваме нашите достигнувања и продолжуваме да го продлабочуваме нашиот маневар. Местото каде што сте е исклучително важно, изјави Генерал-потполковник Ејал Замир, началник на Генералштабот на Израелските одбранбени сили.
Меѓувреме во пресрет на утрешните средби иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи прогласи „победа“ над САД и Израел во тековниот конфликт, оценувајќи дека Иран влегува во „нова ера“ како регионална сила и најавувајќи промени во управувањето со Ормутскиот теснец.

Изјавата доаѓа во момент на интензивни дипломатски напори за постигнување прекин на огнот, при што Вашингтон бара повторно отворање на стратешкиот поморски коридор, додека Техеран го користи како преговарачки адут.
– Влегуваме во нова ера со управувањето со Ормутскиот теснец. Ние не баравме и не бараме војна, но нема да се откажеме од нашите законски права на никаков начин и за ова, ги сметаме сите фронтови на отпорот како еден, стои во изјавата на Моџтаба, прочитана на вестите на националниот ирански сервис.
Иако двете страни јавно изразуваат подготвеност за прекин на огнот, аналитичарите предупредуваат дека реалните позиции остануваат далеку една од друга.
Светот внимателно го следи развојот на настаните, аналитичарите предупредуваат дека исходот од преговорите во Исламабад би можел да биде пресвртна точка за стабилноста во целиот регион.
Александар Петрески











