Преговорите помеѓу Соединетите Американски Држави и Иран завршија без договор, оставајќи ја ситуацијата неизвесна и без јасен дипломатски напредок. Маратонските разговори во Исламабад траеја 21 час и означија историски пресврт – први директни преговори меѓу САД и Иран, по повеќе од една деценија.
Но, и покрај обидите за надминување на разликите, ставовите на двете страни остануваат оддалечени, а клучните прашања без решение. Во меѓувреме, тензиите продолжуваат и конфликтот не покажува знаци на смирување. Не е познато кога би можело да следи нова рунда преговори.
„Треба да видиме јасна посветеност дека тие нема да се обидат да добијат нуклеарно оружје и дека нема да се обидат да ги добијат алатките што би им овозможиле брзо да дојдат до нуклеарно оружје. Тоа е основната цел на претседателот на Соединетите Американски Држави, и тоа е она што се обидовме да го постигнеме преку овие преговори. Нивната нуклеарна програма каква што беше, постројките за збогатување што ги имаа претходно, се уништени. Но, едноставното прашање е: дали гледаме фундаментална посветеност и волја кај Иранците да не развиваат нуклеарно оружје — не само сега, не само по две години, туку на долг рок. Сè уште не сме го виделе тоа. Се надеваме дека ќе го видиме“, изјави Џеј Ди Венс, заменик-претседател на САД.
Претходно, иранската влада во објава на социјалната мрежа „Икс“ соопшти дека разговорите се завршени и дека технички експерти од двете страни ќе разменуваат документи.
Во соопштението се наведува дека преговорите ќе продолжат и покрај некои преостанати разлики, но без да се изнесат конкретни детали. Властите во Пакистан изразија подготвеност да ја продолжат својата посредничка улога.
„За некои прашања постигнавме меѓусебно разбирање, но имаше разлика околу две или три важни прашања и на крај разговорите не резултираа со договор. Друго прашање што вреди да се напомене беше сложената природа на прашањата и ситуацијата. Некои нови теми беа додадени во разговорите овојпат, вклучувајќи го Ормутскиот теснец и регионот. Овие прашања имаат свои специфични услови и барања“, изјави Есмаил Багаеи, портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран.
Клучен спорен момент е контролата врз Ормутскиот теснец. Иран инсистира на контрола и воведување транзитни такси, додека САД бараат слободна и безбедна пловидба без такси. Вашингтон, исто така, бара Иран да предаде над 400 килограми високо збогатен ураниум, да ја прекине нуклеарната програма и да прифати ограничувања за балистичките ракети.
Техеран, пак, бара ослободување на замрзнатите средства, исплата на репарации за воените штети, укинување на сите санкции, гаранции за ненапаѓање и повлекување на американските сили од Блискиот Исток.
Петар Догов











