Премиерот Христијан Мицкоски денеска му ја честиташе победата на Петар Маѓар во Унгарија, изразувајќи очекување дека новото раководство ќе води про-европски и интегративни политики. Тој нагласи дека очекува поддршка за евроинтеграциите на регионот, вклучително и на Македонија..
„Најпрвин сакам да му честитам на Петер Маѓер, ние имавме исклучително непосредна соработка со претходниот претседател на Владата господинот Виктор Орбан. Но волјата на граѓаните во Унгарија е јасна и недвосмислена и на тој начин господинот Петер Маѓар ја доби поддршката од унгарските граѓани. Политиките кои што тој ќе ги води очекувам да бидат проевропски, проинтрегративни и очекувам бескомпромисна поддршка за интеграцијата на регионот, вклучително и на нашата држава во рамките на ЕУ“ рече Мицкоски.
Во однос на најавите за евентуална екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, Мицкоски истакна дека тоа е прашање кое зависи од одлуките на унгарските власти.Тој потсети дека барањето за екстрадиција било поднесено уште во 2018 година, а одбиено во 2019 година.
Премиерот додаде дека за дополнителни информации околу случајот новинарите треба да се обратат до Министерството за правда, потенцирајќи дека како премиер не е надлежен директно за ова прашање.
„Од она за кое што сум запознаен е дека има процедура доколку лицето има право на азил поради определени причини и мислам за повеќе детали да се обратите до министерството за правда. Јас не сум министер за правда, јас сум претседател на Влада“, рече Мицкоски.
Доколку се врати, Груевски ќе треба да оди на отслужување на затворска казна.
„Ако се појави Никола Груевски во Македонија тој има правосилна пресуда и тој веднаш откако ќе се појави во Македонија нормално органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на отслужување на затворска казна која што е согласно правосилна одлука.
Ние сме влада за која што сите закони важат и влада која што мора да го почитува законите и институциите, а нормално секое лице има право да ги користи институциите и да ги користи своите права да поднесува потоа жалби и така натаму“, рече Мицкоски.











