Зголемување на цената на горивата и опрема за околу 30% влијае врз цената на медот. Пчеларите алармираат дека и пазарот е нарушен со фалсификуван мед, кој содржи гликозен и пченкарен сируп. Ова создава нелојална конкуренција, особено ако се има во предвид ниската цена на индустрискиот мед, што ги става домашните производители во уште понеповолна позиција.Пчеларите бараат поголеми инспекции по пазарите и продавниците, за да се заштити производството на македонскиот мед.
„Со поголем број на пчелари што правиме муабет, сите викат дека имат залиха во магацините од лани или полани. Најпрвин треба да се сопре фалсификуваниот мед, односно да се декларира. Јасно да пишува колку проценти има мед, а колку гликозен сируп како големите и културните држави“, вели Горан Миловски, претседател на Здружение „Пчелар 2014“.
Но, пчеларите изминатите две-три години се соочуваат и со климатските промени. Сушата и нестабилните временски прилики придонесоа во изминатите две-три години драстично да падне производството на мед.
„Овие последните две три години, од 30 до 40% се намалени приносите. Сето тоа се должи на климатските промени, на сушата. На примеер ќе паднат интензивни дождови ден -два, а потоа ќе нема со месеци. Природата не може да се развива, а пчелата е зависна од природата“, рече Драги Манчев, пчелар.
Годишното производство на мед на македонските пчелари изнесува околу два милиони килограми. Во источниот регион има околу 40.000 пчелни семејства и околу 1.000 пчелари.
Викторија Јованова











