Архитектот и универзитетски професор Мишко Ралев во емисијата „Топ Тема“ истакна дека проблемот не е изолиран, туку системски и поврзан со недоволна стандардизација и контрола на градилиштата.
„Ова е случка која нема да биде последна ниту ќе биде единствена. Ние се соочуваме со некаква лоша стандардизација на тоа што е градилиште, што е површина за градење, како се обезбедува самото градилиште, вработените на градилиштето какво е обезбедувањето кон граѓаните и објектите околу“, изјави Ралев.
Тој посочи дека одговорноста во процесот е поделена, но јасно дефинирана, нагласувајќи ја улогата и на изведувачите и на надзорот.
„Изведувачот ја има својата одговорност, тој мора да го прочита проектот, да направи план како ќе се гради, да направи план за дневни активности и потоа од надзорот да се започне фазата. Без разлика дали е темелење, армирање или бетонирање, при сето ова мора да е присутен надзорот. Тоа значи дека и изведувачот и надзорот имаат огромна одговорност“, додаде тој.











