Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи заминал за Тајланд. Тоа може да се заклучи од фотографијата која ја споделил на својот Фејсбук профил на на која се чекирал дека е во Бангкок, Тајланд. Во описот на фотографијата Фетаи не пишува дали е таму приватно или се работи за службена посета.
Во јавноста веќе извесно време има дилеми каде е Фетаи, особено откако неговиот колега од владата, министерот за здравство Азир Алиу за „360 степени“ рече дека вицепремиерот задолжен за добро владеење подолго време не се појавувал на владини седници. Дел од медиумите на албански јазик објавија и дека Фетаи имал несогласувања со другите лидери на Вреди, но тој ги демантираше тврдејќи дека се работи за клевети.
Последното негово појавување во јавноста како владин функционер е дури на почетокот на февруари кога тој претседава со новоформираниот Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот. На овој настан тој и последен пат беше виден заедно со премиерот Мицкоски.

Мицкоски неодамна потврди дека Фетаи најавил дека ја напушта Владата и е можно да добие нова задача во Брисел.
„Тој рече дека ќе се врати во Брисел. Имајќи го предвид неговото образование, искуство во рамките на институциите во Брисел, јас мислам дека би била тоа добра можност тој да биде некаков специјален пратеник во рамките на Европскиот парламент. Сè уште размислувам за тие околности. Ми кажа дека во иднина планира да се врати во Брисел, да го продолжи својот професионален живот и да се стави на располагање доколку може да помогне. Се сложивме дека неговото искуство, образование и работа таму треба Владата и државата да ги искористи“, рече Мицкоски во интервју за „Сител ТВ“.
Фетаи остана во Владата и кога неговиот партиски претседател Арбен Таравари ја напушти владеачката коалиција. Потоа застана на чело на новоформираната Нова Алијанса но дел од неговите сопартијци не го поддржаа кога тој се спротистави на намерите Вреди да прерасне во еден политички субјект и да има двојно лидерство.











