Мнозинството брои еден пратеник помалку, Миле Цеков ги напушта редовите. Ќе делува независно ама тврди дека останува отворен за сите законски решенија во интерес на граѓаните. Упати критики и кон власта и кон партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски. И оттаму се повлекува. Вели дека не гледа промени во општеството, ниту исправување на системските неправди, а пораката до партијата му е дека не ги делат истите вредности и одлуките таму ги носат луѓе кои во Скопје немаат ниту 2% поддршка од граѓаните.
„Оваа моја одлука доаѓа затоа што не прифаќам да живееме во држава со корупција и криминал, селективна правда и нефункционални институции. Не прифаќам младите да си заминуваат поради системот, а работниците да живеат со најниска плата во регионот. Во политиката не влегов за да се променам јас, туку за да ја сменам политиката. Затоа не можам да бидам дел од власт и од партија што не ги дели вредностите во кои верувам. Денеска заминувам од политички субјект што формално е демократски, но суштински не ги исполни очекувањата на граѓаните“, нагласи пратеникот Миле Цеков.
По повлекувањето на Цеков од владеачкото мнозинство и од партијата, реакција стигна од Движењето ЗНАМ. За нив, одлуката на сега веќе екс-сопартиецот не претставува изненадување. Велат дека подолг период било јасно дека Цеков политички и вредносно се оддалечува од принципите и програмските определби на партијата.
„Неговите обиди денеска да се претставува како симбол на принципиелност, а претходно да застапува позиции спротивни на државните и националните црвени линии, се крајно несериозни и неубедливи пред граѓаните. Причините за оваа одлука се лично негови. Дали станува збор за политички калкулации, клиентелизам или нешто друго, ќе покаже времето“, се вели во дел од соопштението на ЗНАМ.
Со реакција за одлуката на пратеникот Цеков, се јавија и од Социјалдемократскиот сојуз. Лидерот Филипче на социјалните мрежи напиша дека тендер-коалицијата на власт почнува да се распаѓа, луѓе одвнатре гледаат дека власта е криминална и испрати порака до сите кои не сакаат да бидат соучесници дека вратата на СДСМ е отворена за соработка.
А, во меѓувреме, додека пратеникот го напушта мнозинството, спикерот Гаши тврди дека ниту една пратеничка група не го напушта законодавниот дом. На денешниот брифинг со медиумите порача дека нема никаква најава дека СДСМ ќе го напушти Собранието и покрај шпекулациите дека тоа е следен потег, по напуштањето на работната група за реформи во изборното законодавство.
„Од атмосферата што ја има на координација и мојата комуникација со сите пратенички групи, тој дијалог или соработката се одвива на многу задоволително ниво. Јас сум задоволен и секогаш им благодарам на координаторите за конструктивноста, се обидуваме да бидеме отворени. Не дека нема разлики во начинот како тие ја гледаат работата на Собранието, но досега нема никаква најава за порадикални мерки, напуштање на Собранието, бојкот, итн. Се надевам дека така ќе остане, јас ги повикувам да ја продолжиме соработката“, порача претседателот на собранието, Африм Гаши.
Консензус помеѓу власта и опозицијата има за законите од реформската агенда и двата табори се согласни дека тоа приоритет, а потребен е договор помеѓу партиите за измените во Законот за пратеници, со што тие нема да можат да имаат повеќе од едно државјанство. Решението е во собраниска процедура, информира Гаши.
Петар Догов











