Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Подмладоците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во усна пресметка за младите – реалните проблеми повторно во сенка

/

пред 146 дена

Сподели преку :

Меѓусебни обвинувања, политички препукувања и обиди за префрлање на вината за иселувањето на младите е сликата од денешните прес-конференции на подмладоците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Наместо конкретни решенија, младинските организации на двете најголеми партии повторно се впуштија во партиска пресметка околу тоа кој е виновен што младите ја напуштаат државата.

Претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски, оцени дека е „врв на лицемерие и цинизам“ повикот на премиерот Христијан Мицкоски младите да не се иселуваат, обвинувајќи ја власта за криминал, корупција, задолжување и блокирање на европскиот пат на државата. Според Стојчевски, младите не заминуваат затоа што не ја сакаат Македонија, туку затоа што не гледаат перспектива.

Од друга страна, генералниот секретар на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески, возврати дека токму СДСМ и ДУИ седум години создале систем на партизација, корупција и безнадежност поради кој младите ја изгубиле довербата во институциите. Тој ја обвини опозицијата дека шири апатија и негативна слика за државата, додека актуелната власт, како што рече, работи на создавање услови младите да останат и да се развиваат во Македонија.

Но, и покрај жестоката реторика и меѓусебните напади, во ниту едно од соопштенијата речиси и да не се слушна збор за реалните и секојдневни проблеми со кои се соочуваат младите.

Ниту СДММ, ниту подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќањата не нудат конкретни мерки за подобрување на студентскиот стандард, кој со години стагнира. Тие не споменуваат ниту за студентскиот оброк кој не е покачен веќе три години, а законски треба да се качува секоја фискална година во однос со инфлацијата. Дополнително не се споменуваат ниту стипендиите, трошоците за образование, ниските примања со кои се соочуваат младите на нивните работни позиции и лошите услови на државните универзитети.

Дополнително не се споменуваат супстандардните услови во студентските домови и доцнењето на изградбата и реконструкција на новите, ниту пак споменуваат предлог олеснителни мерки за младите студенти кои се соочуваат со ретроактивно плаќање на данок за студентска работа во странство.

И покрај сè позачестените случаи на насилство меѓу млади, растечкото коцкање, консумирањето наркотици и другите пороци, ниту едната ниту другата страна досега не понудија конкретни политики и превентивни мерки за справување со овие појави со што се отвора прашањето дали младинските подмладоци на партиите се недоволно креативни, или пак младинската политика ја интерпретираат како повисоките инстанци во самите партии.

Па така, наместо дебата за тоа како младите да добијат подобар животен стандард, поквалитетно образование и реална перспектива, јавноста повторно има прилика да ја види политичка битка во која младите најчесто се користат како аргумент, но ретко како вистински приоритет.

Теа Димковска