Рускиот претседател Владимир Путин ги пофали „непоколебливите темели“ на билатералните односи меѓу Русија и Кина. Неговите коментари дојдоа за време на продолжената средба со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг.
-Нашата цел е благосостојбата и просперитетот на рускиот и кинескиот народ. Овие непоколебливи темели им овозможија на нашите односи успешно да издржат тестови на сила и отпорност во повеќе од една пригода, рече Путин.
–Нашите надлежни министерства одржуваат блиски, конструктивни контакти и активно работат на понатамошно унапредување на заедничките проекти и иницијативи, додаде тој.
Делегации од двете земји одржаа билатерални разговори во тесен и проширен формат.
–Постојаното промовирање на долгорочен, стабилен, здрав и висококвалитетен развој на кинеско-руските односи е стратешки избор што заеднички го направивме јас и претседателот Путин, имајќи ги предвид фундаменталните интереси на двете земји и поширокиот тренд на глобален развој. Јас и претседателот Путин се согласивме да го продолжиме Договорот за добрососедство и пријателска соработка меѓу Кина и Русија, изјави Си Џипинг.
Претседателот Путин е во дводневна државна посета на Кина, со цел да ги потврди врските. Таа се одржува само неколку дена по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина.
Руските и кинеските лидери треба да разговараат и за енергијата и безбедноста, како и за нивните целокупни врски.
Двете страни се согласија да го продолжат договорот за пријателство, првично потпишан во 2001 година, објавија кинеските државни медиуми.











