Нема театар без театарска критика, таа е повратниот глас за него. Ова е пораката од нашиот истакнат театарскиот критичар , публицист и есеист, Тодор Кузманов , на промоцијата на неговата четврта збирка критики, насловена „ Репертоарски калеидоскоп“, што беше промовирана во Драмскиот театар.
- Театарската критика не е вон, туку во театарот. И дека е составен дел на театарот. Театар нема ако нема одзив за него, повратен глас, вели Тодор Кузманов, автор на збирката критики „ Репертоарски калеидоскоп“.
Кузманов е редок пример на критичар, кој во театарот влегол како актер, а бил и режисер, продуцент и преведувач. Критики почнал да пушува откако 1990 година се вработил во Македонското радио-Радио Скопје. Автор е на над 1000 театрографски единици и на стручни книги и монографии. Во најновата објава, вклучил критики на претстави од 9 домашни театарски установи, од независната или алтернативна сцена, и за три гостувања. Неговите текстови се повеќе од само голи рецензии, кажа промоторот на книгата.
- Настојува да даде и теоретско и методолошко промислување на театарските жанрови, да даде есеистички видувања на социолошки согледби за изведбеноста и често ја има предвид улогата на театарот во време на големи општествени промени, кажа проф.д-р Иван Додовски, промотор на книгата.
Денес кога театарската критика скоро и да ја нема, објавите од овој вид се исклучително важни, смета директорот на Драмскиот театар.
- Од исклучително историско и историографско значење се ваквите книги, кои што оставаат записи за нештата што се случиле во уметноста, која што е уметност на мигот, вели Роберт Вељановски, директор на Драмски театар.
Промоцијата на „ Репертоарски калеидоскоп“ се одржа во рамките на одбележувањето 80 години Драмски театар.
Сотир Трајков











