Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека мировниот договор со Иран е „во голема мера договорен“ и дека наскоро се очекува неговото финализирање.
Во соопштението од Белата куќа е наведено дека објавата следува по серија „добри разговори“ што Трамп ги имал со лидерите на неколку земји на Блискиот Исток и Пакистан. Во разговорите учествувале група лидери од Заливот и регионот, вклучувајќи претставници од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Пакистан, Турција, Египет, Јордан и Бахреин за да разговараат за преговорите околу Иран.
По разговорите, на својата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social), Трамп напиша „Договорот е во голема мера договорен и е предмет на конечно финализирање меѓу Соединетите Американски Држави, Исламската Република Иран и разни други споменати земји“. Тој, исто така, потврди дека разговарал одделно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и дека разговорот, како што рече, „исто така поминал многу добро“.
Конечните детали од договорот моментално се договараат и наскоро ќе бидат објавени. Како еден од клучните елементи на договорот, Трамп нагласи дека Ормускиот теснец ќе биде отворен.











