Тројца млади велешани се лишени од слобода затоа што кај нив била најдена марихуана, а во домот на еден од нив кој бил малолетен најдени се марихуана, дигитална вага, телефон и пари. Двете момчиња на 19 години и малолетникот се приведени.
Полицијата ги фатила кога при сообраќајна контрола запреле патничко возило „фолксваген голф“ со велешки регистарски ознаки. Возилото го управувал 19 годишник од село Долно Каласлари, а сопатници биле 19 годишно момче од Велес и малолетник. Кога полицијата го запрела возилото, малолетникот излегол од возилото и побегнал, при што фрлил пари и марихуана, кои биле пронајдени и одземени.
„На 23.05.2026 во 02:20 часот, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода М.А.(19) од село Долно Каласлари, велешко и Ј.П.(19) од Велес, а во 15:15 часот лишиле од слобода 17-годишен малолетник од Велес.
При преглед во возилото била пронајдена и одземена маихуана, а М.А. и Ј.П. биле лишени од слобода и известен бил јавен обвинител. Подоцна, со судска наредба, извршен бил претрес во домот на малолетникот во присуство на негов родител, каде биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага, телефон и пари“, соопшти полицијата.
Тој е приведен во полициска станица, известен е јавен обвинител, и спроведен е во Основно јавно обвинителство Велес.
По целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.











