Во јавноста се отвори дебата по најавите на Министерството за транспорт и врски за можни законски измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, чија цел би била олеснување на инвестиции во дата центри поврзани со вештачка интелигенција.
Иако властите ваквите најави ги претставуваат како чекор кон економски развој и привлекување на големи технолошки компании, дел од граѓански организации и еколошки иницијативи изразуваат загриженост за потенцијалното влијание врз животната средина и локалните заедници.
Според здружението „Зелен Хуман Град“, овие дата центрите се инфраструктура со висока потрошувачка на електрична енергија, а најголемите капацитети во светот трошат количини споредливи со потрошувачката на десетици илјади домаќинства. Дополнително, се посочува и значителната употреба на вода за системите за ладење, што може да претставува притисок врз локалните ресурси.
Тие предупредуваат и на можни индиректни ефекти, како зголемен енергетски притисок врз мрежата поврзани со производството на електрична енергија, особено во земји со зависност од фосилни горива како што е Македонија.
Претходно министерство наведе дека дата центрите можат да донесат технолошки развој, подобрување на дигиталната инфраструктура и позиционирање на државата како регионален хаб за ИТ индустријата, иако според „Зелен Хуман Град“ бројот на директни работни места по нивното пуштање во употреба е релативно ограничен.
Извор на фотографија: „Пиксабеј“











