Поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори, како транспортот, енергетиката, ИКТ- индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, кибербезбедноста и управувањето со границите, предвидува стратешкиот договор што беше потпишан денеска во Охрид меѓу премиерот Христијан Мицкоски и неговиот хрватски колега, Андреј Пленковиќ, кој е во посета на Македонија.Беше потпишан и договор за соработка меѓу Министерството за енергетика и хрватското Министерство за економија.
За премиерот денешниот договор е повеќе од диполоматски акт,„тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна стратешка определба за продлабочување на односите во области што се од суштинско значење за иднината на двете држави“.
На прес-конференцијата по потпишувањето на договорите, Мицкоски и Пленковиќ истакнаа дека со нив се продлабочуваат и онака добрите и пријателски односи меѓу двете земји, а Хрватска, која исто така е дел од НАТО, како и земја членка на ЕУ, останува еден од главните партнери во евроинтеграцискиот процес на Македонија.
„Хрватска ја поддржува Македонија во напорите за евроинтеграција од првиот ден а еве, ние сме веќе 13 години членка на ЕУ и тоа зборува колку е тоа неправедно кон вас. Верувам дека заедно ќе постигнеме одблокирање на процесите. Ќе настојуваме да ви помогнеме да се премостат проблемите“, изјави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.
Мицкоски, пак, го повтори ставот дека наша стратешка цел е членството во Еу, но не по секоја цена.
„Нашето интегрирање се претвори во билатеризација, затоа стратегијата ни е да се фокусираме на испораката дома. Ако треба и ќе ја платиме политичката цена, но ќе се бориме на друг начин“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Одржана е и средба на министрите за транспорт, при што министерот Николоски му се заблагодарил на хрватскиот колега за поддршката во решавањето на проблемот со престојот на транспортните превозници во ЕУ.
Пленковиќ во Македонија пристигна во придружба на бизнисмени од најсилните хрватски компании кои имаат бизнис средби со македонски стопанственици. Присутни се и компании од одбранбениот сектор кои произведуваат дронови, роботски возила, пушки и пиштоли и се очекува да се потпишат договори за соработка.
Далиборка Демјанска Цветановска











