Поради сомнение за криумчарење мигранти, двајца државјани на Косово се лишени од слобода. Полицијата во текот на вчерашниот ден во близина на наплатната станица кај Демир Капија открила седум мигранти од Египет во возило со косовски регистарски таблички.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера во 06:30 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово ги приведоа А. Г. (42) и Г. Г. (39), двајцата од Косово.
-При контрола на автопатот Гевгелија – Неготино се запрени возило ‘фолксваген транспортер‘, управувано од А.Г., и ‘шкода октавија‘, управувана од Г.Г. Во комбето се пронајдени седум мигранти од Египет, а полициската истрага утврди дека возилото ‘шкода‘ служело како претходница“, велат од МВР.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Против двајцата косовски државјани е поднесена кривична пријава и им е определен 30-дневен притвор.
Осомничените се спроведени во КПУ Затвор „Скопје“, додека мигрантите се сместени во Центарот за баратели на азил во скопско Визбегово.











