Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Од 1 јануари 2027 година без роаминг со ЕУ?

/

пред 130 дена

Сподели преку :

Најоптимистичкото сценарио е роамингот на ЕУ со Западен Балкан да се укине од 1 јануари идната година, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тврди дека е дезинформација оти Македонија е исклучена од процесот, велејќи дека се донесени потребните закони за да се применат четирите директиви и регулативи на ЕУ и да се овозможи бесплатен роаминг за граѓаните кога ќе патуваат.

Последната измена на Законот за електронски комуникации е утврдена на Влада и испратена до Европската комисија на мислење, по што ќе биде изгласана и во Собранието. Од Македонија е побарано да номинира преговарачи во тој процес и се очекува прецизниот распоред на рокови да биде утврден наредната недела, по состанокот во Тиват помеѓу ЕУ и државите од Западен Балкан.

„Што ќе содржи овој процес? – Ќе содржи одобрување на законот, преговори, а потоа потпишување на договор налик на договорот за стабилизација и асоцијација од 2000-тата година, ЕУ со секоја држава поединечно од Западен Балкан, за постигнување на овој ефект. Ние сме подготвени кон тоа да влеземе веднаш, но роковите, секако, ќе зависат од Европската Унија. Едно оптимистичко сценарио е дека до крајот на годината би ја имале оваа можност за нашите граѓани“, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

По денешниот настан, посветен на конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан, Андоновски рече и дека инвестираат директно во иновациите преку два европски дигитални иновациски хабови, со цел дигитална трансформација и лабораториско работење директно со компаниите и универзитетите.

Индексот за конкурентност и иновации, во кој се анализирани Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Србија покажува дека скопскиот регион е најдобро рангиран, но и останатите не стојат лошо.

Од Центарот за истражување и креирање политики кажаа дека се мерени 13 индикатори: продуктивност, знаење, иновации, достапност на интернет и слично.

Од Фондацијата „Конрад Аденауер“ веруваат дека сè она за што работат – демократија, демократски вредности, политичка стабилност, но и владеење на правото, не може да се постигне без добар економски раст и стабилен животен стандард за населението.

„Затоа е многу важно да се разгледа кои се иновациите за иднината што можат да го развијат и зајакнат животниот стандард на луѓето овде, во регионот на Западен Балкан, но и секаде пошироко. Како што знаете, Фондацијата „Конрад Аденауер“ е германска фондација. Знаеме дека има многу германски инвестиции, особено во автомобилската индустрија, но исто така знаеме дека тоа ќе се менува во наредните години, вклучително и во Германија. Тоа значи дека и овде, во Македонија, инвестициите и економијата треба да се приспособат на овие нови развојни текови. Затоа е многу важно да се разгледа кои се секторите на раст во иднина“, рече Даниел Браун од Фондацијата „Конрад Аденауер“.

На конференцијата беше забележано дека заостануваме во однос на истражување и развој, производство на инженери и продуктивност. Главните препораки се дека сите политики треба да се имплементираат регионално за да бидат поуспешни и поконкурентни, што ќе овозможи и порамномерен регионален развој и ќе се спречат миграционите текови кон Скопје.

Далиборка Демјанска Цветановска