Министерството за внатрешни работи (МВР) воведува Кодекс за облекување за сите вработени и странки кои ги посетуваат просториите на Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи. Целта, како што информира МВР, е одржување на професионалниот стандард, дигнитетот на институцијата и меѓусебната почит.
„Како институција која е постојан сервис на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува кон подобра работна атмосфера и почитување на државните институции. Во таа насока, ги замолуваме сите граѓани пред доаѓање во нашите простории (за подигнување лични документи, пасоши или други административни услуги) да се погрижат нивниот изглед да биде во рамките на општоприфатените норми за јавни институции“, соопшти МВР.
Од таму нагласуваат дека сите вработени во Одделот за граѓански работи се задолжени доследно да го почитуваат утврдениот Кодекс за облекување за вработените во министерството.











