Искршени излози, уништен инвентар, запалени возила… Вака изгледаат делови од Париз по синоќешните судири меѓу навивачите на ПСЖ и полицијата по победата на францускиот претставник во финалето на Лигата на шампиони на УЕФА. Ноќта беше бурна во „градот на светлината, но грдата глетка што ја остави зад себе хаосот низ улигите ги затече граѓаните кои го осудија дивеењето.
„Ова е скандалозно, срцепарателно е да се види. Во понеделник наутро, кога ќе се отворат продавниците, луѓето нема да можат да работат. Поради луѓето кои се однесуваат неодговорно, младите луѓе кои се таму само за да предизвикуваат проблеми“, реагира Патрик, вработен во близина на Шанзелизе.
Над 400 лица се приведени во судирите меѓу навивачите на „светците“ и полицијата. И покрај илјадниците ангажирани полицајци, штетите во Париз се евидентни. Нарушен беше јавниот превоз, како и автобускиот и железничкиот сообраќај. Прославата почна со палење огномет и димни факели, заврши со солзавец, пендреци. Повредени се десетици навивачи, како и шест полициски службениц.
„Ситуацијата генерално беше под контрола. Очигледно имаше некои ексцеси, што сите ги забележавте, што доведоа до нарушување на јавниот ред и мир, урбано насилство, но кои систематски беа земени предвид од органите на редот, систематски имаше полициски одговор што беше воспоставен“, изјави Лоран Нуњез, министер за внатрешни работи на Франција.
Осуда на насилствата дојде од поранешната претседателска кандидатка, Марин ле Пен.
„Само во Франција, победа на еден фудбалски клуб може да предизвика нереди. Само во Франција, сите чувствуваат потреба да се заклучат во своите домови во вечерта на победата за да избегнат насилство“, напиша Ле Пен на социјалните мрежи.
Инциденти во Париз имаше и лани, по убедливата победа на популарните „светци“ над Интер, кои завршија со смртни последици. Тогаш загинаа две лица од кои едното беше 17-годишно момче. Екипата на ПСЖ синоќа ја одбрани титулата во фудбалската Лига на шампиони, дури по подобро изведување пенали во финалето против Арсенал во Будимпешта.
Фудбалерите на ПСЖ попладнево се очекуваат во Париз. Најавено е нивно учество во победничка парада во близина на Ајфеловата кула, а ќе бидат примени и од францускиот претседател Емануел Макрон.
Сашко Димовски











