Полицијата поднесе кривична пријава против кумановец кој пред три години урнал куќа заштитена како културно наследство, а на кој била поставена спомен плоча на народниот херој Киро Нацев Фетак, и на нејзино место изградил објект од втора категорија без дозвола.
Објектот кој го урнал бил заведен во регистерот на спомен обележја како заштитен објект на културно наследство. Иако прекршил неколку закони, не бил казнет, а градежната инспекторка „донела решение кое не одговорало на фактичката состојба“.
Тој ќе одговара за „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство и природни реткости“, „бесправно градење“, „узурпација на недвижности“ , а градежната инспекторка за „несовесно работење во службата“.
„Првопријавениот, во 2023 година, срушил и уништил куќа- заштитен објект на културно наследство, на кој била поставена спомен плоча на народниот херој Киро Нацев Фетак, кој објект, согласно член 20 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја е заведен во регистер на спомен обележја како заштитен објект на културно наследство и е заведен во програма за одбележување на значајни настани и личности со спомен обележја во општина Куманово.
На таа локација, првопријавениот, во својство на инвеститор на градба извршил градежни работи и изградил градба од втора категорија, без претходно одобрение за градење издадено од Сектор за урбанизам при општина Куманово, со што постапил спротивно на член 59 од Закон за градење, а објектот го изградил на земјиште сопственост на државата.
Додека пак, второпријавената како овластен градежен инспектор несовесно постапила во вршењето на своите должности и овластувања на начин што донела решение врз основа на нецелосна и неточно утврдена фактичка состојба, а која била должна да ја утврди согласно член 9 од Закон за инспекциски надзор во врска со член 2 а од Закон за градење“, информираше полицијата.











