Најновите податоци на Евростат за 2025 година откриваат длабоки демографски промени во Европската Унија: бројот на домаќинства кои имаат деца се намалува, додека драматично расте бројот на луѓе кои живеат сами или како парови без потомство.
Од вкупно 203,1 милиони домаќинства во ЕУ, минатата година само 47,4 милиони или скромни 23,4% вклучувале деца. Најголем дел од нив се парови со деца (14,7%), по што следат други видови сложени домаќинства со деца (5,6%) и самохрани родители (3,0%).
Од друга страна, огромното мнозинство од дури 76,6% се домаќинства без деца. Во оваа категорија доминираат самците (луѓе кои живеат целосно сами), кои сочинуваат дури 37,5% од сите домаќинства во Унијата. По нив следат паровите без деца со 24,1%.

Трендот во изминатата деценија (од 2016 до 2025 година) јасно покажува во која насока се движи Европа:
– Бројот на едночлени домаќинства (самци) без деца скокнал за дури 19,2% (од 63,9 на 76,1 милиони).
– Бројот на парови без деца пораснал за 3,3%.
– Наспроти ова, бројот на парови со деца опаднал за 6,3%.
Највисок удел на домаќинства со деца е забележан во Словачка (35,4%), Ирска (30,8%) и Кипар (28,2%). Додека во само 18,2% од домаќинствата имаат деца, а во слична ситуација се и Литванија (18,4%) и Германија (19,9%).
Кога станува збор за бројот на деца, половина од европските домаќинства со деца (50,2%) имаат само едно дете, 37,6% имаат две, а едвај 12,2% одгледуваат три или повеќе деца. Еднодетните семејства се најизразени во Португалија (61,8%) и Бугарија (60,4%). Спротивно на тоа, во 14 од 27-те земји на ЕУ доминираат семејства со две или повеќе деца, предводени од Шведска (57,8%) и Холандија (57,6%).
Македонија се уште над европскиот просек со домаќинства со деца, според Евростат, од вкупно 595,6 илјади домаќинства во нашата земја, 66,1% (393,4 илјади) се без деца, додека 33,9 се со деца.
Ако ја направиме директната паралела со Европската Унија (каде што 76,6% се без деца, а 23,4% се со деца), податоците покажуваат дека кај нас има значително повисок процент на домаќинства со деца во споредба со просекот на ЕУ. Со овој процент, нашата земја се позиционира многу блиску до Словачка (35,4%) и Ирска (30,8%), кои се на самиот врв во ЕУ.
За разлика од ЕУ, каде што половина од домаќинствата (50,2%) имаат само по едно дете, во Македонија доминираат семејствата со две деца (43,4%), а процентот на семејства со три или повеќе деца (13,4%) е исто така повисок од просекот на ЕУ (12,2%).











