Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Пелагониските сточари на протест, бараат исплата на субвенциите и повисоки откупни цени

/

пред 95 дена

Сподели преку :

Незадоволни од ниската откупна цена на млекото, несигурниот пласман и неисплатените субвенции, пелагониските сточари денеска излегоа на протест. Бараат итна исплата на заостанатата државна помош, а во исто време, со идентични барања, протестираа и сточарите од источниот регион.

„Откупната цена е од 24 до 26 денари и никој не знае дали утре млекото ќе биде преземено. Беше 32 денари, а за неполни шест месеци го намалија за шест до осум денари“, вели Тони Петковски, сточар.

„Државата увезува млеко во прав, а нашето млеко не се откупува. Нашето квалитетно млеко стои, а се увезува прашок. Нека знаат граѓаните што купуваат во маркетите“, вели Васе Ѕвездакоска, сточарка.

Нема организиран откуп на козјото млеко и на јарињата, поради што голем дел од производството останува непродадено, а козарите и овчарите веќе ја продаваат стоката.

„Јас како млад козар две години немам добиено субвенции. Нема откуп ниту за јарињата, ниту за козјото млеко. Педесет јариња одгледувам и ги хранам, никој не ги зема“, вели Албион Салиевски, козар.

Поддршка на протестот дадоа и полјоделците кои предупредуваат дека жетвата е на прагот, а сè уште нема утврдена откупна цена на пченицата, ниту обезбеден пласман.

„Пченицата ќе се жнее, а не знаеме каде ќе ја предадеме. Нема цена, нема откупувачи и затоа бараме интервентна поддршка за производителите“, рече Миле Ќебакоски, земјоделец. 

Земјоделците тврдат дека по различни основи државата им должи околу 70 милиони евра за субвенции и бараат заостанатите обврски да бидат исплатени во најкус можен рок. Во спротивно, најавуваат дека за две недели ќе ги радикализираат протестите со блокади на патиштата.

Емилија Мисирлиевски