Колку точно литри масло од канабис и колку килограми цвет од растението е украдено од магацинот на фирмата „5 летерс“ во Алдинци засега останува непознато исто како и вредноста на пленот на крадците. Она што се знае е дека се украдени 108 шишиња со концентирано масло, а според изворите на „Телма“ станува збор за повеќе од 70 литри чија вредност на црниот пазар е меѓу 25 и 40 илјади евра за литар што значи дека пленот е милионски.
Како се случила кражбата ако се знае дека за фирмите за производство на медицински канабис важат строги безбедносни протоколи дури и кога се во стечај како во случајот со „5 летерс“ нема одговор. Објектот за производство е купен од бугарски бизнисмен и него го обезбедува фирмата НИКОБ, со видео и физички надзор, додека магацинот кој е во близина и исто така е во кругот на фабриката е под одговорност на стечајниот директор Ацо Дамчевски назначен од државата.
Дамчевски не е достапен на неговиот мобилен телефон а и неговата канцеларија во скопската населба Тафталиџе е заклучена.
Во Македонија се издадени 56 лиценци за одгледување на медицински канабис,10 чекаат на одобрување. Вложени се речиси 800 милиони евра во овој бизнис како од домашни така и од странси субјекти, а илјадници литри масло и десетици тони канабис стојат со месеци во магацините како во оној на ограбената „5 летерс“ поради отсуство на законска регулатива и можност за извоз но и на редовна контрола од надлежни институции.
Погоните за производство и магацините досега неколку пати беа мета на кражби како од луѓе вработени во компаниите така и од лица од надвор а изнесени се над 4 тони канабис со исклучително висок квалитет чија цена на црниот пазар се движи меѓу 3 и 4 илјади евра за килограм.
Во декември 2020 година од магацин во струмичко Јософово беа украдени речиси два тона канабис. Шлеперот кој го користеа крадците и кој незабележано ја мина речиси целата држава беше најден кај арачиново а нешто подоцна и околу 200 килограми од украдениот канабис во селото Мојанци.
„5 летерс“ прв пат беше ограбена во 2020 година кога исчезнаа 60 килограми канабис а потоа во погонот беа најдени неколоку стотини килограми непријавен канабис.
Во април минатата година во координација со амриканската ДЕА беа запленети 200 килограми канабис кој потекнувал од погоните на две лиценцирани фирми а успен беше и командиропт на прилепската полиција.
Во февруари годинава, трагот на заплена на триесетина килограми канабис, ги однесе полицајците во фирма во Струмица каде најдоа еден и пол тон непријавен канабис кој многу веројатно ќе завршел на црниот пазар.
Огнен Чанчаревиќ











