Со апели и кампањи, но не и со репресивни мерки ќе се подигнува процентот на имунизација на децата со редовните вакцини. Податоците засега се загрижувачки. Пред само три до четири години, во Македонија актуелна беше епидемијата со мали сипаници, а тогаш и процентите на вакцинирани деца беа задоволителни. Но, во моментов, колективниот имунитет е недостижен и на земјата ѝ се заканува нова епидемија ако не се зголеми процентот.
Лажните вести, кои беа присутни и среде најлошите мигови од Ковид-пандемијата, а се присутни и сега – се најголем виновник за недовербата во вакцините, сметаат од УНИЦЕФ и СЗО. Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани повикува да се верува на научните студии, а не на самопрогласените експерти кои шират лажни вести и паника.
Што се однесува до аутизмот, нема никаква научна поткрепеност на тврдењата дека вакцинацијата и аутизмот се поврзани. И УНИЦЕФ и другите меѓународни организации потрошиле многу пари за да откријат дали има некаква поврзаност. Но, докази не се пронајдени, изјави Ди Џовани.
Процентот на покриеност со две дози МРП вакцина е опаднат за цели 14 отсто, за само три години. Во 2018 година 93,8% проценти од децата на соодветна возраст биле комплетно вакцинирани. Во 2021 година само 80,4% од децата биле вакцинирани. За да се достигне колективниот имунитет, потребни се 95% проценти. Пред три години епидемијата беснееше во земјава, а беа достигнати и рекордни бројки. Над стотина новозаразени имаше во само една недела, а и до 1000 активни случаи во исто време.
Петар Догов











