Штрајкот на СОНK кој продолжи во основните и средните училишта, создава несигурност кај учениците, особено кај матурантите заради неизвесноста и за надоместување на градивото и за уписите на факултети. Тоа е катастрофално за учениците вели невропсихијатарот Методи Чепреганов.
Катастрофа. Ние ги учиме децата на раслоеност, на деструктивност, на конфликтуозност. И ги учиме да штрајкуваат и да не учат. Две години нашите школи се инсуфициентни со онлајн настава. Симболиката е таа што денеска се случува со учениците. Ние ги воспитуваме на неучење, смета проф. д-р Методи Чепреганов.
Чепреганов кажа пример кога негов соученик, поради прекини во наставата за време на Втората светска војна бројот 3030 во 5 одделение го прочитал како Зозо. Според него СОНК треба да штрајкува, но паралелно да тече и наставата и преговорите, како што е случајот со штрајковите во Јапонија, каде нема прекин на работата. Сè со цел наставата да продолжи за да немаме слаба држава, чија иднина би ја претставувале неспособни млади генерации.
Губат учениците. Трагедија. Губат учениците, а во иднина ја гледам работата. Создавате поколенија кои се инсуфициентни и тие поколенија ќе ви донесат држава инсуфициентна, смета д-р Чепреганов.
Во штрајкот на СОНК , Чепреганов гледа инает и суета како главни карактеристики на хипертрофирано его и на малигна нарцисоидност. Смета дека решение на проблемот е да се седне со Владата, да се разговара и да се најде компромисно решение.
Сотир Трајков











