Тричасовен отчет пред публика, за само 100 дена работа. Во Националната опера и балет, премиерот и министрите одговараа на прашања од своите портпароли, пред публика составена претежно од вработени во министерствата, невладиниот сектор, стопанските комори и по некој дипломат.
Портпаролите ги поставуваа и новинарските прашања, испратени два дена претходно ,на барање на владата.
Во премиерското резиме, Ковачевски оцени дека владата успешно го положила тестот на стоте дена.
Како приоритет, Ковачевски ги наведе инвестициите во нови капацитети за производство на електрична енергија од чиста зелена енергија.
Најави и зголемување на субвенциите за пченица, пченка и сончоглед, како и авансни субвенции во овоштарството.
На прашањето за ЕУ перспективата, одговори дека е значајна поддршката што ја добиваме од Германија, Франција, САД и сите земји членки на ЕУ, но членството зависи од консензус.
На истото прашање одговараше и вицепремиерот Маричиќ, кој, пак, рече дека владата прави се` за повторно воспоставување на дијалог со официјална Софија.
Министерот Спасовски се пофали со добри резултати во спречување на шверцот со наркотици и сообраќајната безбедност, вицепремиерката Грковска со јавното објавување на тендерите, Тупанчевски со бесплатната правна помош за ранливите категории и законот за помилувања, Петровска со одбранбената стратегија.
Стабилноста и предвидливоста беа претставени како главни карактеристика на оваа влада.
Далиборка Демјанска Цветановска











