Помошник-државниот ревизор Цвета Ристовска, во гостување во Топ тема на Телма рече дека 86 отсто од државните органи имаат евидентирано имот.
„Во 2006 година обврската да се евидентира имотот на државно ниво, се избриша како обврска за државата и за општините. Знаеме дека во собраниска процедура е новиот закон за буџети, и во тој нов закон за буџети е вистинско време да се рестартира обврската на државата во смисла на изработка на биланс на состојба, како финансиски извештај кој нуди податоци за државниот имот“, рече Ристовска.
Таа вели дека продажбата на имот е регулирана со закон, а одлуката за продажба на државен имот ја носи Владата.
„Начинот на продажба на државен имот е регулиран со закон. Управувањето со државниот имот треба да го гледаме двострано. Сопственоста е централизирана, сопственоста е на државата и со државниот имот управува Влада, а е децентрализирана во смисла на располагањето и управувањето со поединечни објекти. Одлуката за продажба на државен имот мора да ја донесе Влада“, изјави помошник-државниот ревизор Ристовска.











