Состојбите во македонските затвори се менуваат , но потребно е уште многу работа за подобрување на условите. Целта на затворската казна не е само некого да го затвориме и да го заборавиме, туку повторно да се интегрира во општеството, посочија експертите на денешната меѓународна конференција „Третманот на осудените лица, како до успешна ресоцијализација “, што се одржа на Правниот факултет во Битола.
– Скандинавските земји имаат либерални пенитенцијарни системи кои многу личат на условите надвор во заедницата. Замислете, кај нас разговараме за материјалните услови, подобрување на објектите на казнено поправаните установи, додека во Финска се зборува за смарт затвори, во Естонија за дигитализација на затворите, вели проф. др Ангелина Станојоска, Правен факултет Битола.
Од Управата за извршување санкции потврдуваат дека ресоцијализацијата на затворениците кај нас не е на високо ниво, но, велат се работи на тоа да се намали бројот на повратници во затворите.
– Главен проблем е невработеноста. По излегување од затвор тие луѓе не знаат што да прават и можеби тоа е е дна од причините поради кои ги повтоуваат кривичните дела за кои веќе биле во затвор. Токму затоа вложуваме во изучување одредени занаети, да го надградиме нивното образование за да бидат конкурентни на пазарот на трудот, изјави Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување санкции
За нехуманите услови во македонските затвори забелешки имаше и во последниот извештај на Европската Комисија, но и во извештајот за човековите права на Стејт департментот објавен минатиот месец, каде за условите во затворите се наведува дека се нечовечки и понижувачки, а забелешки имаше и за пренатрупаноста во некои затворски одделенија, како и прекумерна употреба на сила на полицијата и затворските чувари.
Емилија Мисирлиевски











