Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска ќе одржи координативна седница, на која ќе биде разгледана одлуката на Српската православна црква, која завчера прогласи канонско единство со МПЦ-ОА, што подразбира најширока можна автономија, но не и автокефалност.
На седницата, ќе бидат разгледани и сите прашања, кои се појавија изминатите денови по одлуката на СПЦ и што тоа значи за нашата црква. Секако јавноста очекува и официјален одговор во однос на најавената литургија за помирување на архиепископот Стефан и српскиот патријарх Порфириј утре во храмот „Свети Сава“ во Белград, која веќе и официјално е најавена на страницата на СПЦ.
Литургијата, според информациите на СПЦ ќе почне во девет часот, а ќе сослужуваат сите архиереи на двете цркви. Патријархот Порфириј, како што наведуваат, српските медиуми, го повикал верниот народ во што е можно поголем број да присуствува на архиерејската литургија.
Соборот на СПЦ во одлуката, која ја донесе, наведува дека се поздравува прифаќањето на канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година. МПЦ-ОА во јавноста се уште не излезе со единствен став во однос на одлуката на СПЦ и за тоа дали таа е согласно претходната одлука на Вселенската патријаршија и води до автокефалност или пак претставува чекор назад. Единствениот кој се произнесе од МПЦ-ОА е владиката Петар кој смета дека работите се придвижуваат нанапред. Но, за домашните аналитичари, одлуката на Саборот на СПЦ е чекор назад, но разликата ја прави одлуката на Вселенската патријаршија која е крајна инстанца за сите спорни прашња со Српската православна црква.











