„Ако се соочуваш со некој кој ти вика дека така мора да биде, тогаш нема простор за разговор“, е коментарот на професорот Далибор Јовановски осврнувајќи се на работата на мешовитата комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија. Вели дека во текот на преговорите на македонските исоричари постојано им се посочува дека самите македонски револуционери се декларирале како Бугари, но кога тие ќе им изваделе документи каде што се декларирале како Македонци, ги обвинуваат за фалсификување на историајта.
Еве само да се потсетиме за нашите револуционери, цело време ни се говори дека тие се декларирале како Бугари, а ако им извадиме документ каде што кажувале Македонци викаат „ама тоа е географски термин, не е етнички.“ Ајде да земеме неколку српски документи од 1889 година потпишани од Дамјан Грујиќ, значи Даме Груев, Димитрие Мирчевиќ, Димитар Мирчев, дедо на покојниот професор и мој пријател Димитар Мирчев и Крста Петковиќ, Крсте Петков Мисирков. Сега ќе ги направиме Срби заради тој „иќ“ во тој момент, кадешто како млади деца, без развиен национален идентитет, бегајќи од Солунската бугарска егзархиска гимназија заминале во Белград со помош на српската дипломатија. И сега треба цело време да вадиме такви документи за да докажуваме. Историјата не се само голите факти, туку и толкување. Не можеме да ги судиме тие луѓе и да ги правиме поголеми или помали Македонци заради повеќе работи што правеле, затоа што треба да размислиме во какво време живееле, какви биле општествените услови, социјалните услови.











