Руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата кон земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот, истакна претседателот Пендаровски на Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, кој денеска се обрати на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“.
Нагласи дека НАТО, но и Европската Унија, се двата коридори за подобра, побезбедна и попросперитетна иднина.
„Потребно е да ѝ помогнеме на Украина, да ги убедиме и другите сојузници кои можеби имаат одредена доза на скептицизам. Политиката на „отворени врати“ не треба да важи само за НАТО, туку да се применува и за Европската Унија, вратите и на двете организации да останат отворени за украинскиот народ. Украинците се борат за сопствената слобода, но оваа борба е и за одбрана на демократските вредности. Ова е војна на една автократија против демократија. Доколку Путин успее некако да победи во оваа војна, тогаш нема само да ја победи Украина“ рече шефот на државата, додавајќи дека Северна Македонија во рамки на своите можности дава поддршка на Украина, од воена до дипломатска помош и дека политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на Европската Унија.
„Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО Алијансата, туку и за Европската Унија. Во спротивно, концептот за обединета Европа, во мир со себе и со светот од Атлантикот до Урал, ќе биде само сон“, рече претседателот Пендаровски.
Учесници на дебатата беа Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар де Кро, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и шефот на претседателската администрација во Украина, Андриј Јермак, модерирана од новинарката Френсин Лаква, уредничка во Блумберг.











