Три земји од регионот поради почитување на санкциите кон Русија и забрана за воздушни прелети на руски воздухоплови не дозволиле прелет на авионот со министерот за надворешни работи на Руската Федерација Лавров кон Белград.
Информацијата која ја објавија повеќе српски медиуми, Радио Слободна Европа ја потврди за Македонија. Од МНР во Скопје за РСЕ потврдиле дека го отфрлиле барањето на руската амбасада за прелет над македонска територија на авионот со кој Сергеј Лавров треба да патува кон Србија.

Прелетот не е дозволен поради санкциите воведени од поголем број држави од ЕУ и НАТО на кои се приклучи и Македонија откако Русија го почна нападот врз Украина. Покрај Македонија, прелетот го одбиле и Бугарија и Црна Гора.
Руски авиони не може да вршат прелети преку поголем дел од Европа, а линкот за прелети кон други делови од светот им е Турција која не се приклучи на воздушните санкции.
Лавров требаша да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ кој се приклучи на повеќе осуди на руската инвазија, но Србија не воведе санкции поради блиските врски со Москва и српската зависност од руски гас и енергенси.
Лавров требаша да ја посети Србија на 6-ти и 7-ми јуни со што пак се птроблематизираше посетата на германскиот канцелар Шолц на Белград закажана на 10-ти јуни.











