Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Е. Пелистер конечно го скрши мразот во ЛШ: Митревски феноменален во триумфот против Фредериција

/

пред 702 дена

Сподели преку :

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер ја прекина очајната низа без победа во Лигата на шампиони откако денеска славеше на гостувањето кај Фредериција со 23-25. Битолчани го остварија првиот триумф во елитата по неверојатни 24 натпревари сметајќи ја и ланската сезона, како и онаа од 2005/2006.

Голманот Никола Митревски беше еден од главните актери во триумфот на нашиот тим во Данска, но и добрата игра во нападот во вториот дел. Во првото полувреме Фредериција најчесто водеше, но минимално, а на паузата замина со водство од 12-9 и тоа благодарение на една серија од 3-0 во финишот.

Пелистер почна одлично во вторите 30 минути и со серија од 1-4 го презема водството. Нашиот шампион имаше и највисоки +4 или 17-21. Фредеријција се обидуваше да се врати, но капитенот Филип Кузмановски, Усама Хосни и Павле Атанасијевиќ одиграа одлично во нападот, а на голот Митревски беше нерешлива енигма.

Неговите 15 интервенции му помогнаа на Пелистер да слави победа од 23-25 и да го прекине неверојатниот пост од 24 натпревари без триумф во елитата.

Кузмановски со пет голови беше најефикасен кај битолчани, Жарко Пешевски имаше четири, колку и Хосни, а по три голови имаа Богдан Радивојевиќ и Павле Атанасијевиќ.

Пелистер конечно мрдна од последната позиција и сега со три бода се наоѓа на шестото место, пред Висла Плоцк и Фредериција со по два бода. Во следното коло, нашиот шампион во Битола ја пречекува Фредериција на 20.ноември.