Група анонимни професори ме обвинуват повеќе од пет години со истите обвиненија, би сакала конечно да се претстават и да ги спротивставиме фактите, порача ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, по сериозните обвинувања на група професори кои предупредија на можна злоупотреба на службената положба на ректорката Ангелова.
- Јас имам правосилна судска пресуда за сите мои активности дека не се косат со функцијата која ја обавувам. Во изминатиов период беа доставувани претставки до сите институции и тие се имаат изјаснето дека нема практично никаква злоупотреба на функција или уште полошо злоупотреба на службената должност. Јас би сакала оваа анонимна група на професори да се одважи, да се отвори, да се претстават, да ми постават отворени прашања за да можам отворено да им одговорам, за да можам да им ги доставам сите документи со кои јас располагам. Атакот кој што го прават на угледот на УКИМ, кој што е најстар, најдобар државотворен универзитет во Македонија е најлошто нешто што може да му се направи на УКИМ и тоа од внатре.
Групата непотпишани професори во петокот поднесоа пријава до Антикорупциската комисија против Ангелова. Тие наведоа дека додека била директор на Економскиот институт на државниот Универзитет била дел од Управниот одбор на приватната Академија за банкарство и информатичка технологија, додека била проректор била член во Надзорен одбор на банка, и покрај тоа што законот го забранува тоа. Предупредија на можна злоупотреба на службената должност и овластување за лична корист на штета на најстариот државен Универзитет. По ова со демант реагираше и УКИМ дека сите изнесени обвинувања против ректорката Ангелова се неточни, по што повторно следеше демант од страна на групата анонимни професори. Во меѓувреме Државната комисија за спречување корупција потврди дека работи на предметот.
Нина Стефанова











