Петнаесетгодишен малолетник се возел автомобилот на својот татко низ Скопје а кога бил запрен од полициските службеници во возилото бил најден мини арсенал оружје кои повеќето неговиот татко ги поседувал без дозвола. Според официјалните информации на МВР во четвртокот околу 19 часот полицајците од единицата за недозволена трговија на улица во скопско Волково го стопирале автомобилот „ауди а8“ зад чиј волан бил малолетникот кој туку што наполнил петнаесет години. Во претресот се најдени три пиштоли – едниот кој го поседувал со дозвола но и два нелегални со калибар 7,65 милиметри и со калибар од 9 милиметри како и два сигнални пиштоли и 16 куршуми кои биле во рамките на оружјата.
„Во возилото било пронајдени пет пиштоли, од кои два пневматски и три огнено оружје, шест рамки и 16 куршуми различен калибар. По извршени проверки било утврдено дека за еден од пиштолите неговиот татко Д.Н. поседувал дозвола, додека другите два пиштоли ги поседувал без дозвола“ – велат од МВР.
Малолетникот е приведен, возилото запленето а набрзо полициските службеници се појавиле на врата кај неговиот татко и го привеле. Против него е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје и е доставена до Обвинителството кое отвори постапка.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот татко – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице, одземање на патната исправа, одземање на возачката дозвола, но и забрана за неговиот малолетен син, други малолетни лица или други неовластени лица да имаат пристап во просторија или во домот каде што има огнено оружје“ – велат од јавното обвинителство.
Делото за кое се товари осомничениот скопјанец, кој според неофицијалните информации на Телма нема криминално досие или позадина, е по член 396 од Кривичниот законик и предвидува затворска казна од три до десет години.
Огнен Чанчаревиќ











