Трговците тријат раце од потенцијаниот ќар, родителите бројат пари, а децата се возбудени. Ваква е сликата деновиве во книжарниците , пред почетокот на новата учебна година. Но, семејствата кои имаат дома ученици, се поделени околу цените на артиклите, во книжарниците.
- Некои работи се поскапи , како куферчето за Техничко образование. Доста поскапо е. 500 денари за такво нешто . Не е баш нешто што можеш да си го дозволиш ако немаш стабилен приход. Реално , за двајца може да се обезбеди со колу 2000 денари, ако се вложат. Но, треба да се пазари на места каде што се поевтини тетратките. Поефтино е ако пазарите од маркет.. рече помлад граѓаник.
- Јас купив ранче вчера и сега комплет. И така. Ранецот беше 1700 денари, комплетот 600 денари. Тоа за моите примања е солидно. Јас очекував повеќе, искрено кажано , со оглед на цените какви што се, кажа друг повозрасен граѓанин.
- Па во ред е. Пристојно е, рече една граѓанка.
Телма посети една од скопските книжарници. Таму имаат малечки тетратки по цена од 13, а се нудат и големи од 150 денари. Еден прирачник за прво одделение чини од 200 до 300 денари, а ранците се од 200 до над 2000 денари. Традиционално, пред новата учебна година книжарницата има попусти до 50 % на школскиот прибор и другите помагала, а велат дека годинава и цените ги намалиле .
- Ако сакате да комплетирате еден ученик со ранчето , ако ги вклучиме и сите оние боички, темперни, дрвени, фломастери , сѐ што треба, зависно од изборот и брендот за кој што ќе се одлучите, еден ранец може да ве чини од 900, 1000 денари до 2, 3000 денари, зависно што ќе се одлучите внатре да комплетирате, кажа Ксенија Маказлиева- Трајчева, одговорен уредник во „ Просветно дело“.
Поради недовршени процедури од претходната власт, во престојната учебна година учениците од 7 одделение ќе учат од нови учебници, но по старата програма, кажа министерката за образование Весна Јаневска. Според неа, има големо незадовоство меѓу сите чинители во образовниот процес од новата Концепција што ја воведе претходната власт. Затоа учебниците за 7 и 8 одделение минуваат низ јавна расправа, која што ќе продолжи и по летниот распуст. И оваа учебна година, основците останаа без учебници за странските јазици и за јазиците на заедниците. И ќе се снаоѓаат со материјали што ќе ги симнат од интернет страницата на Бирото за развој на образованието.
За средно стручно образование ќе има учебници за прва година и сите одобрени за втора . Подготовките на учебниците за 2, 3 и 4 година не биле завршени од претходната власт , исто така кажа министерката за образование и најави дека процедурите ќе се интензивираат, па како ќе бидат одобрени, така учебниците ќе одат во печат.
За учениците со посебни потреби , од МОН најавија дека ќе обезбедат над 1000 образовни асистенти, кои се ангажираат преку основите училишта со ресурсни центри. Досега целосно се спроведени огласите за 815 асистенти, а обезбедени се средства за дополнителни 200. Сите, пред да бидат ангажирани, ќе поминат дополнителна обука.
Поради одливот на населението , школската година ќе започне со 500 првачиња помалку од лани. Ќе трае до 10 јуни 2025, но на барање на родителите и поголемите ученици, укинат е пролетниот распуст, воведен минатата учебна година.
Сотир Трајков











