Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Државните инспектори од денес го испитуваат потеклото на отровниот отпад кај с. Орман

/

пред 1076 дена

Сподели преку :

Екологистите побараа одговори, а инспекторите веќе влегоа во трага на отровното олово натрупано близу село Орман, на неколку километри од центарот на Скопје.

Од каде е донесен отпадот и како завршил токму на овој плац сѐ уште не се знае, а одговорите ќе ги даде лабораториска анализа. Ќе следуваат и други испитувања.

Тоа што е познато досега е дека отпадот потекнува од топење и преработка на акумулаторски батерии.

„Од денес имаме нови моменти. Инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина веќе се излезени, со лабораторија се земаат примероци од самиот отпад којшто е таму со цел да се утврди неговата точна содржина, како и типот на отпад за којшто станува збор“ изјави Александар Стојковски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.

Државата отпадот го класифицира со посебна шифра и како опасен.

Државните инспектори за животна средина и инспекторот на Ѓорче Петров веќе се во координација, а од општината повикуваат и другите надлежни институции на системот да се вклучат во потрагата по одговорот – кој ја труе животната средина во близина на реката Лепенец.

Претходно, екологистите повикаа на брза истрага и кривични пријави за сторителите.

„Ние го најдовме нелегалното одлагалиште и постапивме во рамките на тоа што го имаме како законска надлежност до овој момент. Понатаму, верувам дека ќе се вклучат и другите државни институции за да се открие кој бил одлагач на отпадот односно од каде е потеклото, кој го депонирал таму, за какво лице се работи. Бидејќи плацот е сопственост на приватно лице, но треба да се докаже кој го одлагал отпадот и соодветно на тоа секако дека ќе има изречени казни“ вели градоначалникот на о. Ѓорче Петров, Стојковски.

Потребна е лиценцирана фирма за опасен отпад да го извезе оловото надвор од Македонија затоа што овде нема каде да се складира. Станува збор за над петстотини тони складирани на плацот кој е во приватна сопственост.

За физички лица казната е 250 евра, но треба да одговараат и кривично и да платат трошоци за отстранување.

Ако е фирма во прашање – тогаш казните се огромни и надминуваат 120 илјади евра.

Петар Догов