Поранешниот директор на Царина Стефан Богоев е меѓу уапсените во акцијата што е во тек а која се води под координација на Обвинителството за гонење на организирна криминал и корупција, неофицијално дознава Телма.
„Под координација на ОЈО ГОКК, Управа за финансиска полиција спроведува акција поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа. Акцијата уште трае“, соопштија од Обвинителството за гонење на органиизиран криминал, најавувајќи повеќе детали по завршување на акцијата.
Неофицијално акцијата се спроведува по сомнежи за тендерски злоупотреби во Царината.
Претходно од Управата за финансиска полиција информираа дека се уапсени неколку лица, под сомнение дека „го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери“.
„Акцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата, за кои постојат основи на сомнение дека се извршени од службени лица и други лица кои го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери“, соопштија од Финансиска полиција.
Од таму додаваат дека акцијата ја спровеле овластени службени лица од Управата за финансиска полиција, постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка и во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Претреси биле извршени во домови и деловни простории на повеќе локации.
Богоев беше директор на Царина од 2023 и функцијата ја извршуваше една година. Претходно беше градоначалник на општина Карпош. Меѓу лицата опфатени со акцијата е Александар Спирковски познат како Џемо, со живеалиште во Прилеп.
Тој претходно беше приведен како дел од аферата со прилепската болница кога основното јавно обвинителство отвори истрага за финансиското работење во болницата.
Според неофицијални информации на Телма еден од приведените е вработен во Царинската управа, Семир Муса кој претходно бил помошник директор во еден од секторите. Сега е советник во институцијата. Инаку неофицијално станува збор за тендери за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали. На сајтот на јавни набавки може да се најдат неколку тендери за оваа намена на кои потпис ставил Богоев. Повеќето ги добиле јавни претпријатија, а два тендери кои ги добила битолска фирма се со највисока вредност и во износ од околу 350 илјади евра.











