153 луѓе ги загубија животите во стампедо за време на забава за Ноќта на вештерките во јужнокорејскиот главен град Сеул, прва по кревањето на ковид рестрикциите во земјата. Стампедото се случи кога посетителите се затрчале во мала и тесна уличка во квартот Итаевон и потоа не можеле да излезат од масата луѓе. Уште 19 луѓе се во сериозна состојба во болница каде лекарите се борат да ги спасат.
Ова е вистинска катастрофа. Ова е трагедија и катастрофа која не требаше да се случи среде Сеул синоќа. Се молам за спокој на загинатите во неочекуваната несреќа и се надевам дека повредените брзо ќе закрепнат. Дополнително, длабоко жалам за ужалените семејства, изјави јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол.
Околу 90 проценти од жртвите се идентификувани по корејските лични карти кои се издаваат за сите жители над 17-годишна возраст. Останатите починати во стампедото кое се случи во сеулскиот кварт за забава Итаевон се или странци, или Корејци помлади од 17 години. Меѓу настраданите досега се потврдени и жртви од Иран, Норвешка, Узбекистан и Кина.
По олабавувањето на ковид рестрикциите, луѓето сакаа повторно да уживаат во животот, исто како пред ковидот. Затоа имаше повеќе луѓе кои сакале да си ја задоволат потребата од забава, од која се воздржувале изминативе две години. Мислам дека човечка грешка ја предизвикала катастрофата, поради немањето на контрола врз местото кое имало многу повеќе посетители од вообичаено, изјави Ким Џи-Вон, 41 годишен жител на Сеул.
На социјалните мрежи се објавени повеќе видеа од местото на стампедото а на нив може да се забележи бизарна атмосфера. Додека во квартот ечи музика и забавата продолжува во другите делови, стотици спасувачи од противпожарната, медицинската и противпожарната служба се обидуваат да ги реанимираат повредените.
Потресена сум. Кога слушнав дека тоа им се случило на луѓе на моја возраст, и многумина починале, потресена сум, изјави Ванг Дан ки, 25 годишна студентка од Кина.
Последната забава за Денот на вештерките во Кореја и во Сеул се одржале во 2019-та година, а потоа поради короната не беа дозволени. Вчерашната трагична забава беше прва после три години поради што имаше и огромен број на посетители. Дел од западните медиуми пренесуваат изјави на очевидци, според кои, полицијата влегувала во локалите повикувајќи ги сите кои знаат да пружаат прва помош да им се приклучат на спасувачките екипи.
Алиса Шутиноска











