Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на денешната прес-конференција изјави дека полицијата го уапсила шоферот на екс лидерот на СДСМ, Зоран Заев за подметнување на пожар. Според информациите со кои располагаат, како што рече, „шоферот на Заев подметнал пожар во атарот на браната Водоча во Струмица.
„Изминатиот период кажувавме дека голем дел од пожарите низ државата се подметнуваат од структури блиски до СДС, а денес имаме и докази. Полицијата го уапсила лицето А.Н., шофер на Зоран Заев, за подметнување на пожар. Фактот што шоферот на Заев ги подметнува пожарите, отвора прашање- каква вмешаноста лично на Венко Филипче, знаејќи за нивната блискост и поврзаност. Дали има организирана група во СДС за палење пожари и предизвикување хаос во државата? – Ако човек од најблиското опкружување на Заев пали, тогаш се поставува прашање не само дали, туку колкумина се дел од организираната структура и мрежа на пиромани“, прашува Лефков.
Тоа, додаде Лефков, е доказ дека „пожарите во Македонија не се природна непогода, туку смислено сценарио на СДС и луѓе блиски со нив, со цел создавање нестабилност и хаос во државата“.
„Крајната цел, како што кажавме веќе, била да се обвинат институциите дека не можат да се справат сопожарите“, истакна Лефков.











