Осумнаесет кандидати влегуваат во трката за градоначалничката фотелја во Град Скопје, на локалните избори во октомври. Во главниот град најголем е бројот и на листите на кандидати за членови на Советот – вкупно дваесет.
До ДИК вкупно се поднесени 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници во осумдесет општини и Градот Скопје. Оваа бројка ги вклучува листите на партиските кандидати, како и листите поднесени од група избирачи.
Од другите поголеми градови, во Куманово седуммина кандидати за градоначалници ќе водат битка за локалната власт. Шест кандидати ќе одат на изборно соочување во Тетово, четворица ќе се „судрат“ во Струмица, а во Штип само двајца кандидати се пријавиле да излезат на мегдан за да ја освојат локалната власт.
„Откако ќе заврши проверката за исполнетост на условите и ќе заврши процесот на отстранување на евентуални неправилности или пропусти во кандидатските листи, општинските изборни комисии ги доставуваат потврдените листи до Државната изборна комисија за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати, веднаш по потврдувањето на листата односно најдоцна на 20 септември 2025 година“, велат од Државната изборна комисија.
Во скопските општини, најмногу кандидати за градоначалници има во Шуто Оризари – осум. За Кисела Вода и Гази Баба ќе претендираат седум кандидати, за Аеродром шест, за Карпош пет, а за Центар четири кандидати. Во Чаир каде што се очекува неизвесно изборно соочување пријавени се тројца кандидати, а исто толку има и во Илинден.
Првиот круг од локалните избори ќе се одржи на 19 октомври 2025, а вториот две недели подоцна, на 2 ноември. Изборната кампања официјално ќе започне дваесет дена пред денот на гласање.
Петар Догов











