Аква паркот во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје е затворен, соларниот систем на базенот не работи, а неизвесно е дали воопшто ќе проработат. Никој не може да гарантира за безбедноста на реквизитите во Аква паркот, а одржувањето е премногу скапо, констатира Државниот завод за ревизија.
Во ревизорскиот извештај за работата на Спортскиот центар Борис Трајковски за 2023 се утврдени нефункционални објекти и реквизити, затворен Aква парк, неизвесност околу иднината на соларниот систем и пропуштени можности за дополнителни приходи. Ревизорите изразиле мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Во 2023 година било планирано Аква паркот да заработи 120 илјади евра, но заработил 70 илјади, а во 2024 година воопшто не работеше.
„Како причина за оваа состојба наведена е економската неисплатливост од работата на Аква паркот, како и истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити/опрема и инсталации во кој период изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи. Оваа состојба предизвикува неизвесност за натамошната работа на Аква паркот и влијае врз остварените приходи и резултатот од работењето на друштвото“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Ревизорите препорачуваат раководството на Центарот да ја извести Владата за проблемот за да се најде решение.
Приходите од базенот, лизгалиштето, малата сала, кугланата, конгресниот центар и пинг-понг салата растат во изминатите три години, но Ревизорите констатираат дека Центарот не остварува приходи од паркингот, кој е бесплатен.
Неизвесно е понатамошното работење на соларниот систем за загревањето на водата поставен на кровот на базенот.
„Овој систем е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година. Според укажувањата на надлежните лица поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира“, наведуваат ревизорите.
Со оглед на високите цени на струјата, ревизорите сметаат дека е од голема важност е да се преиспита можноста за повторна употреба на „соларниот систем“.
Ревизорите констатираат дека заради одржувањето на Самитот на ОБСЕ во 2023, МНР распиша тендер за реконструкција на Центарот од околу 2 милиони евра, но на СЦ Борис Трајковски не му доставиле записници за извршените работи и инсталираните добра и тие се уште не се ставени во владение на Спортскиот центар.
Срѓан Стојанчов











