Компанијата Амазон се најде на удар од Белата куќа откако најави дека ќе ги прикаже ефектите од американските царини врз крајната цена на своите производи.
Портпаролката на Белата куќа, Керолин Ливит, жестоко ја критикуваше компанијата, нарекувајќи го потегот „непријателски и политички чин“.
- Зошто тоа не го направи кога администрацијата на Бајден ја доведе инфлацијата до највисоко ниво во последните 40 години?“, праша Ливит притоа пренесувајќи го ставот на претседателот Доналд Трамп, кој смета дека објавувањето на овие податоци е напад врз неговата политика.
Ливит ја искористи приликата да потсети на претходни извештаи за наводни блиски врски на Амазон со Кина, особено оној од 2021 година објавен од Ројтерс.
„Ова е уште една причина зошто Американците треба да купуваат домашни производи“, изјави таа, нагласувајќи ја намерата на администрацијата да ги зајакне критичните синџири на снабдување и да го врати производството во САД.











