Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Анестезиолошки техничар и лидер на „Христијанско братство“ осомничен за убиство со давење од користољубие во Охрид

/

пред 192 дена

Сподели преку :

Од користољубие е убиен 76-годишниот Климе Митрески од Охрид, а осомничен е 53-годишниот Жарко Гроздановски од тетовското село Брвеница. Митрески сакал да го раскине договорот за доживотна издршка со Гроздановски кој го склучиле во февруари, но тоа ќе го чини живот. На 25 март, Гроздановски, со цел да го спречи во намерата, најпрвин вербално, па физички го нападнал Митрески во неговата куќа, а потоа и го задушил.

„По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата. За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот, со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото“, информираат од ЈОРСМ.

Гроздановски по неколку часа од убиството е уапсен во Брвеница по претходно распишана централна потерница од СВР Охрид. Според договорот, осомничениот по смртта на Митрески требало да добие голем имот. Неговиот дом на улицата „Нада Филева“, каде имало и угостителски објект „Климентов конак“, се наоѓа во близина на Саат кулата во Охрид во стариот дел на градот. Според катастарот, станува збор за имот од 317 метри квадратни, кој се наоѓа на атрактивна локација, а поголемиот дел е во сопственост на Митрески.

„Присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период се евидентирани на снимки од видео надзор поставен во куќата на оштетениот, а во текот на претходната постапка обезбедени се и други снимки од видео надзор за неговото движење, како и други материјални докази“, додаваат од ЈОРСМ.

Според обвинителството, за ова кривично дело е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, што го прави ризикот од бегство значителен, а осомничениот веќе презел дејствија за прикривање на трагите.

Гроздановски работел како анестезиолошки техничар на КАРИЛ. Тетовскиот суд во 2012 година постапувал по тужба против Гроздановски за оштетување туѓи предмети, навреда и загрозување на сигурноста. Судот го задолжил Гроздановски да му исплати 23.000 денари на име на штета и трошоци на тужителот кој бил негов соселанец од Брвеница.

Инаку, тој е еден од лидерите на „Христијанско братство“ со седиште во Брвеница, кое е формирано во 2015 година. Дел од неговите членови учествуваа во протестите што кулминираа со упад во собранието на 27 април 2017 година. „Братството“ беше дел и од протестите против уставните измени во текот на 2018 година.

Гроздановски во 2019 година беше уапсен, бидејќи преку Фејсбук видео упати закани по живот кон тогашниот премиер Зоран Заев. Гроздановски е автор и на книгата „Одмазда“, објавена во 2024 година. Во описот е наведено дека станува збор за трилер за правдата, предавството и темнините на човековото срце. На Фејсбук профилот на Гроздановски може да се види дека пред една недела се пофалил дека книгата е преведена на 16 јазици и дека е автор и на други наслови.

Марија Митевска