Европскиот суд за човкови права (ЕСЧП) ја прифати апликацијата на екс директорот на УБК, Владимир Атанасовски, обвинет во предметот „Организатори на 27 април“. Тој се жали дека со продолжувањето на притворот му било нарушено правото на слобода и безбедност (член 5 ). Дали основите по кои му се продолжувал притворот биле релеванти и „доволни“, согласно конвенцијата, прашува ЕСЧП, а треба да одговори државата? – Тој поминал шест месеци ефективен притвор и уште речиси 19 месеци куќен притвор кога останала само основата опасност од бегство. Неговиот адвокат посочува дека Судот веќе има пракса за притворите.
Во 2021 година, Кривичниот суд им пресуди од шест до шест и пол години затвор на Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски, но Апелација ја укина пресудата, а го укина и решението со кое Кривичен им ги одби барањата за амнестија. По ова, пред една година, Кривичен им ги уважи барањата за амнестија.
Според адвокатот Апостолски, во меѓувреме Апелација ја укинала амнестијата само за Атанасовски, со обралзожение дека за него не може да се примени законот за амнестија, а потоа Кривичен донел ослободителна пресуда.
ЕСЧП низ годините донесе повеќе пресуди против Македонија за неоправдано продолжување на притворот. Еден од тие предмети беше за Миладинови во „Изгрев“, а токму овој предмет е посочен и во прашањата што судот ги поставува за Атанасовски.
Елена Ивановска Мукоска











