Што за безбедносната заедница ќе значи мега службата која треба да ги обедини постоечките агенции? Што треба да содржи законскиот текст кој треба да ги спои безбедносните служби во државата?
Во Вин-Вин пратениникот од ЗНАМ, Павле Арсоски истака дека малите држави, па и оние од средна големина најчесто се определуваат за модел каде што службите за безбедност и за разузнавање, надворешната и внатрешната ги кооптираат во една.
- Тоа не е можно кај големите држави кои имаат огромни служби иако има примери, како во САД после 11 септември и тие формираа нови за да ги координираат работите на службите за да во таа координација не се изгубат најважните информации, рече Арсоски.
Во однос на тоа кој модел ние треба да го заземеме, според него, најголем дел на држави од наша големина и нешто поголеми, како Хрватска, Словенија, балтичките држави, Холандија, па еве и Грција се определуваат за систем на спојување на двете служби.
- Јас донекаде сметам дека тоа е добар модел, бидејќи непосредно ја познавам службата во Хрватска, каде бев на специјализација. Меѓутоа, овој процес на спојување може да исполни два многу важни услови, едниот е да се формира стручен надзор над таа служба кој би бил при Советот за безбедност на претседателката и втората работа е начинот на кој се избира првиот човек на таа служба, рече Арсоски.
Тој го посочи примерот со Хрватска, каде тоа е регулирано со супотпис, предлогот да биде и од претседателот и од премиерот околу кого и двајцата ќе се договорат и потоа оди на парламентарната комисија на интервју и идеално би било да има поддршка и од парламентарната комисија.
Арсоски истакна дека тие два услови во овој процес на реформата мора да се исполнат – надзор над службата и изборот на првиот човек на таа служба кој мора да биде во согласност со носителите на највисоките служби, претседателот и премиерот.











