Дваесетина повици примиле тетовските пожарникари по вчерашниот силен дожд кој поплави неколку сообраќајници во градот и околните села, но и подрумски простории и дворови во Мала Речица. Интервенирале и во извлекување заглавени комби возила во кои имало повеќе патници. Испумпувањето на водата од подвозниците продолжи и денес, додека екипи од комуналното претпријатие ги чистеа шахтите од насобраниот песок.
Ваквите ситуации се повторуваат на неколку критични точки, каде атмосферската канализација нема капацитет да ја прими насобраната вода.
„Имаше шест такви точки, сега имаме три критични. Општината, интервенираше на три места и ги чекаме и овие три места да го стабилизираме Тетово како град. Не сме предвиделе за 10-20 години, има мали цевки. Сега има по 50 куќи, а цевката е за 20 куќи, поради тоа се јавува проблем кога има вакви дождови“, изјава Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово
Секој пообилен дожд предизвик за возачите во Тетово.
„Секој се чувствува небезбеден, барем за користење на комуникаците, патиштата. Инаку кој живее во зграда на повисоки катови нема проблем“, вели жител на Тетово.
„Треба да се работи на планот за решавање на овој проблем за да не се плашиме секогаш кога има пообилен дожд за сигурноста при возењето“, коментира друг тетовец.
Од Општина Тетово велат дека имаат подготвени проекти за населбата Деребој и за подвозникот кон село Фалише, но реализацијата доцни поради ревизија.
„Доцнењата се резултат на процесот на ревизија, кој е важен чекор за да се обезбедат високите стандарди за имплементација на овие проекти. Чекаме завршување на овој процес, по што ќе биде издадена дозволата за почеток на градежните активности. Општина Тетово е посветена на тоа сè да се одвива според процедурите и во согласност со законските регулативи, за да се обезбеди квалитетен и долгорочен развој на нашата заедница“, изјави Бесарт Рамадани, портпарол на Општина Тетово.
Со истата ситуација, граѓаните беа соочени и пред две недели, кога имаше интензивни врнежи од дожд.
Данијела Билбилоска











