Истрагите кои ги водат Азербејџан и Казахстан по падот на патничкиот авион во кој загинаа 38 патници и членови на екипажот, стигнале до истиот заклучок, посочуваат повеќе експерти. Тие дошле до докази кои јасно посочуваат дека авионот бил соборен од руски противвоздушен систем, затоа што во момент кога авионот се приближувал аеродромот во Актау бил под тревога затоа што биле забележани украински беспилотни летала. Оштетувањата на опашката на авионот посочуваат на експлозија од противвоздушен систем, а беа објавени и неколку видеа на кои се гледаат дупки од шрапнели.
- „Тоа што се случуваше на територијата на Русија и на територијата на Чеченија во времето кога авионот летал таму, укажува на можен напад од противвоздушен систем, Панцир С-1, бидејќи во истото време имало украински беспилотни летала по кои биле испукани ракетите. Постои видео снимено во истото време, горе долу со мало задоцнување. Исто така има и фотографии од остатоци од Панцир С-1“ изјави Јан Матвеев, Воен експерт.
Иако наводно имаат докази дека Русија е одговорна за уривањето на авионот, двете земји од политички причини не се подготвени директно да ја обвинат Москва, туку очекуваат прво Русите да признаат. Азербејџански медиуми уште вчера објавија дека Баку очекува јавно извинување од Москва.
Друго важно прашање е зошто посадата одлучила да слета токму во Актау, летајќи стотици километри источно и преку Каспиското море, имајќи во предвид дека имале повеќе полесно пристапни авиони во јужна Русија.
- „Според мене авионот бил оштетен, но не откажало сѐ во исто време. Односно, можеби некои од системите продолжиле да функционираат уште некое време и посадата верувала дека ќе успеат да прелетаат и слетаат нормално. Но, ситуацијата подоцна можеби се влошила. Сепак, ова се само мои претпоставки“ изјави Јан Матвеев, Воен експерт.
Авионот на Азербејџан ерлајнс полетал од Баку до Грозни во Чеченија, но по два неуспешни обиди да слета, посадата се упатила кон Актау во Азербејџан. Авионот се урна на само неколку километри пред аеродромот во казахстанскиот град. Видео снимено од очевидци и објавено само минути по уривањето, се гледа како авионот неколку пати се спушта и крева, обидувајќи се да ја задржи потребната висина за да стигне до пистата, но неколку моменти подоцна се урива и распаѓа.
Игор Трајков











