Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е загрижен за тензиите на Блискиот Исток и увери дека „ќе стори сé што може“ за да се избегне проширување на конфликтот.
-Ќе направиме се што можеме за да избегнеме избувнување на поширока војна. И ќе продолжиме со нашите напори, рече Бајден од Белата куќа.
Многу официјални лица изразуваат загриженост за можното ширење на конфликтот на Блискиот Исток, по заострените односи меѓу Израел и либанскиот Хезболах.
Либанскиот пратеник Хасан Фадлала, член на Хезболах, вчера изјави дека војната со Израел влезе во нова фаза, и дека организацијата е подготвена за секое сценарио, војна или конфронтација. На погребот на еден член на екстремистичкиот Хезболах убиен заедно со десетици други, вкупно 45 лица, во израелски воздушен напад во населба во Бејрут, Фадлала рече дека јужниот фронт одиграл клучна улога во притисокот врз Израел да ја запре војната во Газа.
Израелскиот претседател Исак Херцог вчера го обвини Хезболах за ескалација на насилството и рече дека неговата земја не е заинтересирана да биде во војна со Либан.
Меѓувреме, Израел упати предупредување до жителите од јужен Либан повикувајќи ги да заминат од близина на локациите на Хезболах.
„Наскоро, ИДФ ќе се вклучи во обемни, прецизни напади, против терористички цели кои се широко распространети низ Либан“. Ги советуваме цивилите од либанските села лоцирани во и до објектите и областите што ги користи Хезболах за воени цели, како што се оние што се користат за складирање на оружје, заради своја безбедност веднаш да заминат од опасноста, се вели во соопштението на израелските одбрамбени сили.
Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека „Хезболах го претвори јужен Либан во бојно поле“, пренесе ДПА.
-Притоа, милицијата ве стави вас и вашите семејства во опасност, рече портпаролот обраќајќи им се на жителите во јужен Либан.
Хагари рече дека предупредувањето се однесува на десетици села во зона до 80 километри северно од израелската граница.
Тој додаде дека нападите врз цели во Либан доаѓаат откако ИДФ идентификуваше подготовки на Хезболах за лансирање ракети врз Израел, додавајќи дека нападите ќе продолжат за „отстранување на заканите“.











