Лицемерие, популизам, манипулации, коленичење, свиткан рбет, измеќар, срам. Ова е само дел од вокабуларот што го разменија лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница.
Венко Филипче, прашувајќи каков е планот за евроинтеграции, го опомена Христијан Мицкоски дека го поплукал секое свое предизборно ветување. Од противник на Преспанскиот договор, сега е негов поддржувач. Го нарекувал Бојко Борисов – криминалец и човек „кој спие на злато“, а сега го фали како наш партнер за европските аспирации. Се „кити со перјата на СДСМ“, како во случајот со „Бехтел&Енка“.
Мицкоски прифаќа да си даде оставка и да има предвремени избори. Тврди дека Владата се бори да го избрише срамот и коленичењето на нејзините претходници во Брисел и побара СДСМ да се огради од досегашните криминали.
И Европскиот фронт е заинтересиран за европските перспективи. ДУИ упати прашање во кој правец Владата ја води државата.
Неколку пратеници од ДУИ излегоа пред говорницата од која одговараше Мицкоски. На нивните транспаренти пишуваше: „Да за Европа, не за Русија“, „Рацете подалеку од албанскиот јазик“, „Без етничка припадност, нема Охридски договор“. Премиерот им рече дека оваа Влада може да им држи лекции за ЕУ.
Претседателот на Владата не прифаќа закон за ветинг. Барањето на ДУИ за преиспитување на приватизацијата на над 900 фирми, на криминалите и корупцијата, за Мицкоски се само „естрада, додека зад завесата е тефтерчето на Мала Речица“.
Соња Николовска











